Фудбалскиот сојуз на Холандија размислува за револуционерни промени во правилата на игра кои би ги воведе од сезоната 2023/2024 во својата втора лига.
Меѓу идеите кои се разгледуваат се промената на должината на полувремето, изведувањето на аутите и слободните удари, неограничениот број на промени на играчите, но и петминутните исклучувања за фудбалерите наместо жолт картон.
Директорот за аматерски фудбал при Холандската фудбалска федерација, Јан Дирк Ван дер Зе, веќе истакна некои револуционерни идеи во фудбалот, како на пример дека жените и мажите играат заедно на сениорското ниво на аматерскиот фудбал во Холандија.
Ван дер Зе сега нуди нови идеи кои, како што тврди, би го направиле фудбалскиот натпревар „побрз, поспортски и попривлечен за гледачите“.
Експериментот за кој се залага треба да започне во договор со клубовите и Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации, а треба да се нагласи дека всушност се работи за издигнување на револуционерните идеи на повисоко ниво, бидејќи токму таков е изгледот на фудбалот во Холандија тестиран за две години на аматерски план.
„Резултатите се ветувачки“, додава Ван дер Зе.
Доколку биде прифатена неговата идеја, од сезоната 2023/2024 во втората холандска лига ќе се игра фудбал во две полувремиња по 30 минути чиста игра.
Запирањето на играта би го запрело и часовникот, па всушност времето на игра би било ископирано од примерот на некои други спортови, како што е кошарката.
Топката од аут наместо со рака ќе се изведува со нога, а слободните удари може да се изведуваат и со дриблинзи, односно со водење на топката. Истото важи и за корнерите.
Неограничен број замени е друга идеја, а меѓу нив е и исклучувањето на играчите на пет минути поради посериозни прекршоци, кои во моментов се санкционираат со жолти картони.