Како што се шпекулираше, Новак Ѓоковиќ нема да настапи на турнирот во Индијан Велс. Ѓоковиќ официјално го откажа својот настап .
Во средата изгледаше многу веројатно, а во четвртокот најдобриот светски тенисер Новак оковиќ официјално се откажа од својот настап на турнирот Мастерс 1000 во Индијан Велс.
“Жал ми е што нема да можам да играм и да ги гледам своите фанови во Индијан Велс, моето омилено место. Се надевам дека ќе се видиме следната година”, рече Ѓоковиќ преку Твитер.
Еден ден претходно, српските медиуми навестија таков епилог бидејќи наведоа дека „Ѓоковиќ е во Белград и од засега непознати причини не тренира“. По оваа одлука, се огласи и Томи Хас, поранешен успешен тенисер, а денес директор на турнирот во Индијан Велс.
“Разочарани сме што Новак нема да биде со нас оваа есен. Но, се надеваме дека ќе се видиме следната година”, рече Хас.
Индијан Велс, инаку, секогаш се одржуваше во воведниот дел од сезоната, но оваа година, поради коронавирусот, датумот беше преместен во вториот дел од годината и е закажан од 7 до 17 октомври.
Ѓоковиќ го освои овој турнир пет пати во кариерата, а српскиот тенисер паузираше откако загуби од Русинот Данил Медведев во финалето на УС Опен во три сета.