Првите полуфиналиња во сингл одиграни на УС Опен беа оние во женска конкуренција. Ига Свијатек и Онс Џабеур во сабота ќе се борат за титулата.
Полјакињата Ига Свијатек и Тунижанката Онс Џабеур ќе играат во финалето на последниот тениски Грен слем турнир годинава, УС Опен. Полската тенисерка, која е број еден во светот, во полуфиналето ја победи Белорусинката Арина Сабаленка со 3:6, 6:1, 6:4, додека петтата тенисерка во светот Џабеур беше подобра од Французинката Каролин Гарсија со 6:1, 6:3.
Двојната победничка на Ролан Гарос, оваа година и во 2020 година, 21-годишната Свијатек го постигна најголемиот успех на терените на Флешинг Медоус влегувајќи во финалето. Досега во Њујорк, таа никогаш не го помина четвртиот круг.
Откако го загуби првиот сет, при што три пати го испушти својот сервис, Свијатек отиде во соблекувалната. И откако се врати, таа повеќе не беше истата тенисерка.
„Порано плачев, но сега размислував што да правам“, рече таа.
„Против Арина, требаше многу енергија да се вратам. Пропуштив многу во првиот сет, но среќна сум што подоцна ја најдов својата форма“, резимира таа по два часа и 11 минути долгиот натпревар.
За Сабаленка тоа е трет тесен пораз во полуфиналето на Грен слем. Белорусинката минатата година стигна до финалето и на Вимблдон и на УС Опен, губејќи ги секој од тие мечеви со 6:4 во третиот сет.
„Секогаш е тешко да се игра против Џабеур. Треба многу физички напор. Таа има многу добра рака и е многу силна од својата основна линија“, резимира таа.
Во второто полуфинале Џабеур беше убедлива против Французинката Гарсија. За Џабеур ова ќе биде второ Грен слем финале во кариерата, откако годинава го загуби финалето на Вимблдон од Казахстанката Елена Рибакина. Досега на УС Опен, таа не се пласираше подалеку од третото коло.
Тактички одиграв добро, одличен меч е зад мене. Бев психички подготвена“, изјави 28-годишната Тунижанка. „После Вимблдон бев под голем притисок. Навистина ми олесна што стигнав до финалето овде“, додаде првата Африканка во финалето на УС Опен во опен ерата.
„Со влегувањето во финалето на Вимблдон ги остварив своите соништа, бев под големи емоции. Сега ќе размислам внимателно за тоа и ќе се концентрирам повеќе на мојата игра и тактика“, рече таа.
УС Опен, полуфинале:
Ига Свијатек (Полска/1) – Арина Сабаленка (Блр/6) 3:6, 6:1, 6:4
Онс Џабеур (Тун/5) – Каролин Гарсија (Фра/17) 6:1, 6:3