Популарниот Шиле за Вардар одигра 155 меча, беше дел од златната генерација која освои три шампионски титули по ред и играше групна фаза во Лига Европа, а беше стрелец на еден од најубавите голови во таа сезона против Зенит во Санкт Петербург со волејот по корнер. Даде 45 гола во црвено-црниот дрес, од кои тој во Русија е најубавиот во вардаровата историја.
Вардар денеска се збогува со својот досегашен капитен и му посака среќа во новата функција што ќе ја има во клубот.
„Засекогаш ќе биде запамтен како дел од генерацијата која што го направи најголемиот успех во историјата на клубот и се пласираше во групната фаза на Лигата на Европа.
Шиле, во името на фудбалскиот клуб Вардар и на сите навивачи и симпатизери ти се заблагодаруваме за секој гол, за секоја асистенција и за секоја минута помината во светиот црвено-црн дрес.Вистински капитен, секогаш пример за помладите позади себе оставаш многу убави спомени за идните вардарови генерации.
Се надеваме дека ќе уживаш во спортската пензија и воедно ти посакуваме многу успех во наредната функција која што ќе ја имаш во нашиот клуб“, објави Вардар.
Црвено-црните вчера направија чистка и дури десетмина фудбалери од погонот од минатата сезона се ослободени од обврските, а досега засилување е само Симеон Христов, екс-фудбалерот на Борец, Тиквеш и Работнички.