Кадетската екипа на Нексе Нашице од Хрватска ја освои шампионската титула на првото издание на меморијалниот турнир „Марко Божиновски“, кој се играше во чест на прерано починатиот млад ракометар, откако во финалето беше подобра од српскиот претставник, Војводина, со четири гола разлика, 37:33 (20:14).
Третото место им припадна на ракометарите на Голден Арт, кои по изведувањето на пенали го совладаа Тинекс Пролет, со резултат 32:30. Регуларниот дел од натпреварот заврши без победник, 27:27 (16:11). Имајќи во предвид дека во финалето играа екипи од странство, екипата на Голден Арт е најдобро пласирана македонска екипа на првото издание на меморијалниот турнир „Марко Божиновски“.
Во дуелот за 5 место, ракометарите на Вардар ја совладаа екипата на Алкалоид со седум гола разлика, 35:28 (18:12). Еурофарм Пелистер ја оствари првата победа на турнирот совладувајќи го Бутел со три гола разлика, 36:33 (19:13), со што го освои 7 место, додека кадетскиот тим на Бутел, кој стана кадетски шампион на Македонија, заврши на 8. позиција.
По завршувањето на финалниот натпревар беа прогласени најдобрите поединци на турнирот. За МВП беше прогласен ракометарот од редовите на Нексе, Јосип Колариќ, наградата за најдобар стрелец заврши во рацете на Симо Шиан од второпласираната Војводина , додека најдобар голман на турнирот беше членот на Нексе, Бодин Хркаќ. За најдобро лево крило, позиција на која играше Марко Божиновски, беше прогласен Филип Бошковски од Бутел.