Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Нејмар би можел да му се приклучи на Јувентус, открива „Калчомеркато“. Новиот спортски директор на ПСЖ, Луис Кампос, стапил во контакт со раководството на торинскиот клуб и му понудил да го ангажира 30-годишниот фудбалер. Се истакнува дека ПСЖ е подготвен да подмирува дел од платата на Бразилецот.

Францускиот клуб сака да го олесни платниот список и да се раздели со дел од екстремно скапите фудбалери.

Еден од кандидатите за трансфер е Нејмар кој има плата од околу 50 милиони евра по сезона. Сепак, играчот му порача на клубот дека не планира да си замине.

Нејмар настапува за ПСЖ од 2017 година, кога премина од Барселона за рекордни 222 милиони евра. Неговиот договор со парижаните е до 2025 година.

Бразилецот минатата сезона во Лига 1 на 22 натпревари постигна 13 гола и забележа шест асистенции.