„Старата дама“ од финалето во 2017 година најмногу што дошла е до четвртфинале во ЛШ, а во последните години не успеваше да ја мине ни оваа прва елиминациска рунда, осминафиналето, лани беше елиминирана од Порто, година претходно од Лион, па сега ги чека пресметка со „жолтата подморница“, која во Ла Лига не блеска, ама е секако „тврд орев“ кој ќе треба со многу мака италијанскиот великан да го скрши.
„Двомечот не е уште сега решен, зашто Вилјареал е во добра форма моментно, но и ние сме во добра форма. Тие се исклучително технички поткован тим со фантастичен тренер, па очекувам многу тактички меч во кој ќе мора да бидеме концентрирани, да имаме трпение и да обрнеме внимание на деталите. Мора да имаме балансиран меч за добар резултат“, вели Масимилијано Алегри.
Унај Емери е мајстор за Лига Европа, но сега има желба историскиот лански успех со Вилјареал да го надгради со уште подолг претстој во ЛШ.
„Јувентус е тим со исклучително искусни фудбалери, репрезентативци, но и ние имаме репрезентативци кои играат на врвно ниво. Толку се трудевме да дојдеме до тука и сега не сакаме само признание дека добро играме, туку сакаме победа. Затоа ќе мора да дадеме и повеќе од себе. Тума сме во оваа фаза зашто заслуживме да бидеме тука“, вели Емери.
МОЖНИ СОСТАВИ
ВИЛЈАРЕАЛ – ЈУВЕНТУС
Стадион „де ла Керамика“, 21 часот, судија Даниел Сиберт (Германија)
ВИЛЈАРЕАЛ: Рули – Фојт, Албиол, Пау Торес, Пераца – Капу, Ло Селсо, Парехо – Морено, Чуквуезе, Данџума
ЈУВЕНТУС: Шчесни – Де Шиљо, Данило, Де Лихт, Алекс Сандро – Квадрадо, Локатели, Закарија, Рабио – Мората, Влаховиќ