Одбојкарската репрезентација на Македонија се аклиматизира на Алжир и одбројува до првиот натпревар на Медитеранските игри. По бронзениот медал во Сребрената европска лига, нашата најдобра селекција ја чека натпревар против Египет.
Африканската селекција доживеа пораз во првото коло од Италија, па така, овој дуел е т.н финале и за двете селекции затоа што во групата има три репрезентации, а две одат понатаму. Ако Македонија победи со Египет, ќе патува во четвртфиналето, во спротивно, ќе мора да оди на изненадување со Италија во последната рунда и да прави математики. Настапот на Медитеранските игри го најави капитенот Никола Ѓорѓиев кој е во целост фокусиран на првиот меч.
„За нас натпреварот против Египет е рамен на финале затоа што Италија, која е апсолутен фаворит во групата, на почетокот го победи Египет. Од она кое разбрав затоа што немавме шанса да го гледаме натпреварот, Египет играл доста послабо, а Италија со половина гас дошла до победата. Но, пред неколку дена Египќаните одиграа пријателски натпревар со Франција и победија со 3-1. Моите пријатели од француската репрезентација ми кажаа дека противникот одиграл одлично, не знам дали се штедеа за нас против Италијанците и тоа го направија плански, но голема е веројатноста тоа да е така затоа што натпреварот е од голема важност и за нив и за нас.
Ние сигурно имавме мали потешкотии во изминатиот ден на тренинг затоа што тренираме со топката „Молтен“, а ќе играме натпревари со топка та„Микаса“ и ќе ни треба да се прилагодиме, но што е тука е, нема бегање од тие работи и мора да сме макисмално професионални.
Се надевам дека ние ќе бидеме во максимални форми, дека ќе играме како во мечот со Унгарија за бронзата во Сребрената лига, затоа што евентуална победа над Египет не носи во четвртфиналето, а пораз ни ги намалува шансите. Се надевам дека ќе успееме во нашата намера и дека со победа ќе ја израдуваме македонската јавност“, ни изјави Ѓорѓиев директно од Алжир.
Натпреварот меѓу Македонија и Египет се игра попладнево во градот Оран.