Холандскиот репрезентативец од тимот на Барселона, Френки де Јонг не сака трансфер во Манчестер Јунајтед. Челниците од „Олд Трафорд“ очигледно ќе добијат уште едно „не“. Иако во претходните два дена се чинеше сигурно дека Френки де Јонг ќе им се приклучи на „црвените ѓаволи“, сепак, фудбалерот не сака да даде согласност.
Постигната е и финансиска формула, Барселона би инкасирала значителна сума, но Де Јонг едноставно не сака во тим што нема да настапува во Лигата на шампионите. Холанѓанецот има договор до 2026 година и јасно е дека не мора да го напушти „Ноу Камп“ доколку не сака.
Манчестер Јунајтед се врти кон други цели во средниот ред. Некои англиски медиуми шпекулираат дека веќе се воспоставени контакти со Лестер околу трансферот на Јури Тилеманс.
Белгиецот имаше добра сезона со „лисиците“. Неговиот договор истекува на крајот на следната година, а самиот играч изјави дека сака нов предизвик. Тилеманс игра за Лестер од 2019 година, „лисиците“ во неговото доаѓање вложија околу 45 милиони. За очекување е и Лестер да бара слична сума за неговото заминување.
Тилеманс се споменуваше како желба на Тотенхем и на Арсенал.