Извонредниот Лука Дончиќ и Словенија вечерва ѝ одржаа кошаркарска лекција на Хрватска во „соседското дерби“ во мундијалскиот квалификациски циклус, па само една четвртина им требаше и тоа воведните десет минути за да ги понижат Хрватите и на крај со убедливи 28 разлика да слават во мечот (97-69).
Нереално и неверојатно делуваше првата четвртина во која Дончиќ и Драгиќ ја донесоа Словенија на огромни плус 25, на Хрватите им дозволија само осум поени, а ги наполнија со 33 и сѐ потоа беше само рутински одработен меч во кој го држеа противникот на 20 разлика, а во првата половина од четвртата четвртина и до најубедливите плус 28 (84-56) и на крај со толкава разлика и славеа (97-69).
Дончиќ за малку не дојде до трипл-дабл, имаше 21 поен, 10 асистенции и осум скока, Горан Драгиќ додаде 19 поени, а Мајк Тобеј погоди 16 со 13 скока. Кај Хрватска, Марио Хезоња даде 22 поени со девет скока и шест асистенции, Зубац додаде 14, а Богдановиќ 13 поени.
Словенија со победата сега има скор 3-2 и е втора во групата, зад Финска која има скор 4-1, а пред Шведска со 2-3 и Хрватска со 1-4. Првите три продолжуват во следната трета фаза од квалификациите за СП.
Србија загуби од Летонија со 59-66, а Белгија ја распарчи Словачка со 102-59 во групата во која Летонците сега се први со скор 4-1, пред Белгија и Србија кои имаат 3-2, но трите селекции одат понатаму зашто Словачка нема шанси да се вмеша во битката за пласман со пет порази од пет меча.
Грција славеше со 93-71 против Велика Британија за прво место во групата.