Европскиот и шпански првак Реал Мадрид за ова лето веројатно го заврши шопингот и веќе се фокусира на иднината.
Со ланскиот ангажман на Камавинга, како и трансферот на Чуамени од претходниот месец, кралскиот клуб си обезбеди наследници на искусните Модриќ и Крос. Со доведувањето на Рудигер е осигурана и одбраната за наредните неколку сезони, па фокусот сега е ставен да се најде адекватна замена за новиот капитен, Карим Бензема.
Францускиот голгетер во декември годинава ќе наполни 35 години, па Флорентино Перес со право уште сега крои план кој ќе биде наследникот на Бензема почнувајќи од летото 2024 година.
Таргетиран е Ерлинг Халанд, новата суперѕвезда на Манчестер сити. Халанд во договорот со Граѓаните има клаузула од 150 милиони евра која ќе биде активна по завршувањето на сезоната 2023/24, а според шпанскиот медиум „АС“, Реал е клубот кој ќе ја активира клаузулата. Иако е тешко за верување дека Норвежанецот по само две сезони би заминал од Сити, за Кралевите речиси да не постои невозможна мисија во ангажмани. Ако не им успеа со Мбапе, ќе го доведат вториот иден носител на европскиот фудбал.