Фудбалскиот клуб Лас Палмас се договори со Атлетико Мадрид за позајмица на крилниот напаѓач Виктор Мачин, попознат како Витоло.
Интересна екипа се подготвува на Канарите ова лето. Претседателот на клубот Мигел Анхел Рамирез има големи амбиции за следната сезона и сака да се врати во елитната лига. За такво нешто му требаат квалитетни засилувања, а планира да ги добие во форма на двајца Шпанци – Витоло и Цеск Фабрегас!
Фабрегас е заинтересиран за идејата да се пресели во Канарите, а во меѓувреме, мнозинскиот акционер во Лас Палмас, Мигел Рамирез изјави дека тоа е „комплицирана, но не и нереална опција“. Тој откри и дека се сретнал со Цеск, разговарале и наскоро работите ќе бидат појасни.
Што се однесува до Витоло, тој ќе пристигне на позајмица од Атлетико Мадрид каде во моментов нема место за него. Неговата физичка подготовка не е најдобра за да одговори на задачите на Чоло Симеоне, но нема сомнеж дека ќе му биде од корист на Лас Палмас.
Тој израсна во Лас Палмас, веќе беше таму на позајмица од редовите на „јорганџиите“ и обострана е желбата да се врати, која наскоро треба да му се оствари.
Рамирез зборуваше и за талентираниот офанзивен играч за врска на неговиот тим Алберто Молеиро,за кој е сериозно заинтересирана Барселона.
“Имав кафе средба со Жоан Лапорте. Сакав да ги видам интересите на Барса, но нивната финансиска состојба не е најдобра. Алберто има многу клубови кои го сакаат, но сега е фокусиран на враќање на тимот во Примера”, заклучи Рамирез.