Актуелниот прволигашки лидер Струга Трим Лум успеа да се пласира во четвртфинале на Купот на Македонија и тоа откако за пет минути во завршницата од натпреварот направи пресврт за да го победи Работнички во најнеизвесниот дуел денеска од седумте во осминафиналната рунда.

Стружани со головите на Малески и Кочоски во шестминутниот период од 76-та до 82-та минута направија пресврт откако Крсте Велкоски му донесе водство на Работнички по 14 минути игра од пенал, а Бесарт Ибраими потоа промаши од белата точка.

Мајсторскиот гол-волеј на Ѓорѓи Ѓорѓиев по еден час игра во Штип на Брегалница ѝ донесе четвртфинале во пресметката со Пелистер и тој погодок беше сосема доволен за пласман меѓу најдобрите осум, додека Тиквеш потклекна во Кавадарци пред Силекс, откако финалистот славеше со 1-0 во денешниот дуел. Марјан Ристовски беше јунакот со голот за ново четвртфинале на трикратниот освојувач на пехарот.

Претходно, Вардар, Шкупи, Шкендија и Академија Пандев многу убедливо и без мака обезбедија понатамошен пласман, а последниот четвртфиналист ќе биде познат на 19 октомври кога Победа и Македонија ЃП ќе го одиграат својот меч.

КУП НА МАКЕДОНИЈА, ОСМИНАФИНАЛЕ ,

Академија Пандев – Љуботен 9-0

Брегалница – Пелистер 1-0

Шкендија – Скопје 5-0

Шкупи – Воска спорт 6-0

Струга Трим Лум – Работнички 2-1

Тиквеш – Силекс 0-1

Вардар – Фортуна 4-0

Победа – Македонија ЃП ќе се игра на 19 октомври