Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, одбил понуда од неименуван клуб од Саудиска Арабија вредна 275 милиони евра за две години, пренесува ESPN.
Португалските медиуми први ја објавија веста дека клуб од Саудиска Арабија сака да го доведе Роналдо.
Истата информација ја потврди и шпански „АС“ кој објави дека се подготвува новиот најголем трансфер во историјата на фудбалот.
Шпанците тврдеа дека целиот трансфер е вреден 300 милиони евра, од кои Роналдо ќе добие 250 милиони евра, а останатите 50 милиони евра ќе одат за посредници и Манчестер Јунајтед.
Сепак, ESPN тврди дека до нивни извори стигнале информации дека португалскиот фудбалер одбил понуда од цели 275 милиони евра за двегодишен договор од неименуван клуб од Саудиска Арабија.
Доколку Роналдо ја прифатеше оваа понуда, ќе станеше најплатениот фудбалер во светот со неделна плата од 2,5 милиони евра.
Роналдо (37) има договор со Манчестер Јунајтед до јуни следната година со можност за продолжување на уште една сезона.
Тој неколку пати изјави дека сака да го напушти клубот од „Олд Трафорд“, бидејќи е незадоволен од ситуацијата во Манчестер Јунајтед.
Португалскиот фудбалер не отпатува со тимот на претсезонските тренинзи во Азија и Австралија, додека менаџерот на „црвените ѓаволи“ Ерик тен Хаг тврди дека Роналдо не е на продажба.