Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе ја отвори душата во опширното интервју за „РМЦ Спорт“, каде ниту една тема не беше заобиколена, а приказните за неговата желба да го напушти клубот ова лето беа особено интересни.
Тема број еден во летниот преоден рок беше Килијан Мбапе. Реал го одвлече на едната страна, ПСЖ на другата, за сепак да надвладее кон Париз, но само за момент.
Тој момент ќе биде целата оваа сезона, по што ќе го напушти клубот во желба да испроба нов предизвик. Имаше многу шпекулации и мадридскиот великан наводно испрати понуда од 200 милиони евра последниот ден, што ПСЖ ја одби со надеж дека барем до зима ќе успеат да го убедат Мбапе да потпише нов договор, па така нема да го загуби како слободен следното лето.
“Побарав да си заминам. Од моментот кога одлучив да не го продолжам договорот, му реков на клубот и сакав да имаат визија за целата ситуација за да можат да најдат квалитетна замена”, започна Мбапе во интервју за РМЦ Спорт
“Тоа е клуб што ми донесе многу, секогаш сум бил среќен, поминав четири години овде и се уште сум тука. Јас им објавив доволно рано дека клубот може да се сврти кон опциите. Сакав да го направиме тоа како возрасни, за сите да бидат задоволни .Им реков ако не ме пуштите да заминам ,тогаш ќе останам уште оваа сезона“, рече Мбапе.
Потоа откри дека не е вистина дека одбил голем број понуди од Пари Сен Жермен и ја разјасни ситуацијата.
“Луѓето велат дека сум одбил шест или седум понуди за нов договор, дека не сакам повеќе да разговарам со Леонардо. Тоа апсолутно не е точно. Мојата позиција беше јасна. Реков дека сакам да одам и тоа им го кажав на време. Искрено, Не сум фан на тоа да ин речам дека заминувам во последната недела од август . Тоа го направив на крајот на јули”.
Мбапе ќе открие повеќе детали во новите делови од интервјуто што ќе ги објави овој медиум во наредните денови, во врска со доаѓањето на Лионел Меси и многу други работи.