Големите шпански ривали вечерва ќе играат уште едно „Ел Класико“. Барселона и Реал по петтипат оваа сезона, играат во реваншот од полуфиналето на „Копа дел Реј“ на „Камп Ноу“. Каталонците одиграа одличен натпревар на „Сантијаго Бернабеу“ и победија со 1-0, па ќе се обидат да ја задржат предноста и да обезбедат финале со Осасуна во битката за еден од шпанските трофеи.
Барселона предводена од Чави е лидер на табелата во Примера и е на добар пат да ја осигура титулата. На дуелот со Елче, Барса оствари убедлива победа со 4:0 и тоа е добра најава за денешната пресметка со лутиот ривал. Барселона ќе се обиде да стигне до финалето на Купот на кралот по осмипат во последните 10 сезони, а последен пат беа елиминирани во оваа фаза откако победија на првиот меч во сезоната 2006/07.
Реал Мадрид го прегази Ваљадолид со 6:0, а гол машината Карим Бензема за седум минути успеа да постигне хет-трик и голгетерски влегува во денешниот дуел. Реал не успеа да стигне до финалниот меч во Купот на кралот од сезоната 2013/14 кога токму во финалето ја победи Барселона.
Во нивните четири пресметки во оваа сезона, Барселона трипати беше победник. За денешниот дуел Чави неможе да смета на повредените Педри, Дембеле, Френки де Јонг и Кристенсен. Во тимот на Реал Мадрид, Анчелоти не е сигурен за настапот на Ридигер, а Менди сигурно го пропушта дуелот по новата повреда, но се враќа Начо по суспензијата.
Очекувани состави:
БАРСЕЛОНА: Тер Штеген; Кунде, Араухо, Алонсо, Балде; Кеси, Бускетс, Гави; Рафиња, Левандовски, Фати
РЕАЛ МАДРИД: Куртоа; Васкез, Милитао, Начо, Алаба; Крос, Чуамени, Модриќ; Валверде, Бензема, Винисиус