Екипата на Манчестер Јунајтед на домашен терен на Олд Трафорд загуби од Баерн со 0-1 и остана закована на последното место во својата група и го заврши својот настап на европска сцена за оваа сезона. Стрелец на единствениот гол беше Кингсли Коман во 71. минута, а Јунајтед во ниеден момент не беше ни блиску до победа на овој натпревар.

 

Заедно со Баерн, во осминафиналето оди и данскиот Копенхаген кој пред своите навивачи го победи Галатасарај со 1-0, во директниот дуел за второто место во групата.

ФК Копенхаген направи чудо и со триумфот над Галатасарај од 1-0 се пласира во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Галатасарај е третопласиран и продолжува во Лига Европа. Победничкиот гол за ФК Копенхаген го постигна Лукас Лерагер во 58.минута.

Исклучително интересно беше во групата Д каде имаше две пресметки што директно одлучуваа за изгледот на табелата. Од претходното коло беше познато дека Сосиедад и Интер одат во осминафиналето, но меѓу себе, овие две екипи требаше да одлучат кој ќе го освои првото место. Мечот заврши без голови, а шпанскиот тим поради победата против Интер на домашен терен ја задржа челната позиција. Бенфика оди во Лига Европа по победата со 3-1 на гости кај Салцбург. До 92. минута, беше 2-1 за португалскиот тим, резултат кој му одговараше на домаќинот поради победата со 2-0 во Лисабон, но Кабрал во судиското продолжение постигна гол и ѝ го продолжи на Бенфика настапот на европска сцена.

 

Реал Мадрид е првиот тим кој ја заврши групната фаза оваа сезона со максимален број бодови. Утре може да му се придружи Манчестер Сити ако успее да ја победи Црвена Звезда во Белград.