Кристоф Галтие е тренер кој е познат по тоа што не е многу попустлив, па на играчите на ПСЖ им беа дадени низа правила кои треба да ги почитуваат…
Новиот тренер на фудбалерите на ПСЖ, Кристоф Галтие, им забрани на сите играчи, вклучувајќи ги и најголемите ѕвезди на тимот Лионел Меси, Нејмар и Килијан Мбапе, да користат мобилни телефони за време на клупскиот појадок и ручек, објавија медиумите.
Галтие, исто така, наредил споменатото трио да вечера со остатокот од тимот на тренинг кампот, освен во посебни прилики.
Мерките на новиот тренер на парижаните вклучуваат и доаѓање на тренинг од 8:30 до 08:45 часот, а секој фудбалер кој доцни може слободно да се врати дома, пишува Mарка.
Фудбалерите на ПСЖ во петокот во Токио го совладаа Кавасаки Фронтале во пријателски натпревар со 2:1, а стрелци беа Меси и Калимуендо. Фудбалерите на францускиот шампион го искористија престојот во Јапонија за да се испробаат во џудо, а домаќин им беше Французинот Теди Ринер, повеќекратен олимписки и светски шампион.