Пауло Дибала е најголемото засилување на Рома ова лето. „Волчицата“ го доведе Аргентинецот како слободен играч, откако му истече договорот со Јувентус.
Овој потег на челните лица на Рома се покажа како одличен за имиџот на клубот, ако се земе предвид фактот што го објави „Кориере дело спорт“. Имено, Дибала го собори рекордот на Кристијано Роналдо по број на продадени дресови во еден ден.
Новинарите тврдат дека продажбата на дресови со името на Дибала на грбот го соборила рекордот на Роналдо во 2018 година, кога португалската ѕвезда се пресели во Јувентус. Пресметката се однесува на продадени дресови во еден ден, а бројката порасна на неколку илјади.
Италијанците прецизираат дека обичниот дрес чини 110 евра, а специјалната верзија 130 евра. Инаку, рекордот на Рома на сите времиња по продадени дресови му припаѓа на Франческо Тоти.