Барселона и Јувентус ремизираа (2-2) на пријателскиот натпревар одигран на стадионот „Котон Боул“ во Далас, САД. Каталонците двапати имаа водство со головите на Осман Дембеле во 34. и во 40. минута кој што направи вистинско шоу во противничкиот шеснаесетник, но Јувентус двапати возврати со головите на Моисе Кин во 39. и во 52. минута.

Во 34. минута, Дембеле продре по десната страна и погоди во спротивниот агол за водство од 1-0.
Јувентус успеа да израмни во 39. минута. Хуан Квадрадо нафрли од левата страна, а Моисе Кин од непосредна близина ја затресе мрежата за 1-1.

Сепак, веќе во следната минута Барселона го врати водството, и тоа повторно преку Осман Дембеле кој постигна сосема идентичен гол како и претходниот.

Јувентус возврати на почетокот на вториот дел. Во 52. минута, по акцијата на Денис Закарија и Мануел Локатели, на крајот повторно стрелаше Моисе Кин.