Најперспективниот македонски тенисер, 18-годишниот Калин Ивановски, избори пласман меѓу најдобрите осум на фјучрс-турнир во Австрија, вреден 15.000 долари.На земјените терени во Котингбрун, Ивановски го надигра Италијанецот Андреа Гериери, 23-годишен тенисер, кој во моментов е на 879. место на АТП-листата. Мечот траеше час и половина, а македонскиот талент го доби со 6-3, 6-3, дозволувајќи му само еден брејк на противникот, но освојувајќи четири.
Во четвртфиналето ќе се соочи со домашен тенисер, Петер Голдштајнер, кој денеска направи мало изненадување, со победата над четвртиот носител, Вјачеслав Бјелински од Украина (6-2, 6-1).
Ивановски е активен и во двојки на овој турнир, но таму имаат тешка задача со партнерот Адам Јурајда од Чешка. Попладнево ќе се соочат со првите носители, Германецот Шел и Кинезот Сун.