Германскиот Ред Бул Лајпциг и официјално го купи Давид Раум, најдобриот лев бек за минатата сезона во Бундеслигата, кој поради извонредните центаршутеви беше избран за број еден на својата позиција и ја доби наградата „најдобар центаршут во лигата“.
Хофенхајм за Раум добива 26 милиони евра и до четири милиони плус во бонуси ако Раум со своите настапи и успеси придонесе доволно на теренот, а фудбалерот ќе игра за „биковите“ до 2027 година. Во минатата сезона имаше 13 асистенции, а една сезона претходно 15 асистенции, па сега Александер Сорлот, Кристофер Нкунку и Андреа Силва ќе чекаат негови додавања за да ги решетаат мрежите.
„Многу сум среќен што потпишав за Лајпциг. Клубот сериозно загриза за да ме донесе, а после разговорот со тренерот Тедеско и раководството, брзо сфатив дека Лајпциг е идеално место за мене. Ќе имам шанса да играм во ЛШ, а тоа е можност за дополнителен развој“, рече Раум.