Гонсало Рамос со хет-трик ги потопи Данците, а Бенфика сѐ заврши за едно полувреме, кога даде три гола, па само прашање беше со колку предност ќе го чекаат формалниот реванш, поради преголемата разлика во квалитет помеѓу двата тима.
Рамос прво даде два гола во 17-та и 33-та минута, двапати на асистенција на Давид Нерес, а Енцо Фернандес во 40-та погоди за трет гол до полувремето, за Рамос хет-трикот да го комплетира во 61-та минута по асистенција на Рафа Силва. Пионе Систо на 12 минути пред крајот даде почесен гол за Митјиланд, колку да ја намали големата негатива што на домашен терен сега ќе треба да ја бркаат во реваншот.
Белгиски Ројал Унион Сен Жил направи голем чекор кон плејофот откако на домашен терен со 2-0 го победи Глазгов Ренџерс, па сега „полицајците“ ќе имаат тешка, но не и невозможна мисија на својот „Ајброкс“ да ја стопат добрата предност во трката за завршната квалификациска рунда за пласман во групната фаза.
Теума во 27-та и Ванзеир во 76-та погодија за победата на Ројал Унион.
ПСВ Ајндховен на својот „Филип Стадион“ ја има шансата за пласман во плејофот, откако во дербито со Монако одигра 1-1 и тоа откако „кнезовите“ на десет минути пред крајот се спасија од пораз. Верман во 38-та му донесе предност на ПСВ, а Дисаси израмни во 80-та минута.