Барселона летово успеа во последен момент да дојде до потписите на Рафиња и на Жил Кунде иако тие речиси веќе беа договорени со Челзи, но ваквиот двоен грабеж може да им донесе лоша карма и идентичен реванш при евентуалниот трансфер на Бернардо Силва од Манчестер сити.
Улогата на крадци во овој случај не би биле англиските „сини“ туку францускиот шампион ПСЖ, кој е подготвен на „граѓаните“ да им понуди 80 милиони евра за потписот на нивната ѕвезда. Главен адут на „светците“ е новиот спортски директор, Луис Кампос, кој е во одлични односи не само со Силва туку и со неговиот менаџер, Жорге Мендеш.
Португалскиот фудбалер беше заедно со Кампос во Монако во сезоната 2016/17, кога заедно стигнаа до полуфиналето од ЛШ како и до титулата во Лига 1, поради што Барса се соочува со голема опасност да го загуби планираното засилување. Особено што преселбата на Силва на „Камп Ноу“ зависи од продажбата на Френки де Јонг, која во моментов е заглавена.