Неверојатен меч одиграа фудбалерите на Челси и Тотнем, кој заврши со поделба на бодовите, откако Хари Кејн го изедначи резултатот буквално во последните моменти.

Тренерите на двата тима, Томас Тухел и Антонио Конте, ептен емотивно ги водеа своите екипи и се радуваа на головите, но на моменти тоа предизвикуваше револт на спротивната страна. Кулминација на нивното надмудрување дојде по завршувањето на дуелот, кога за малку ќе дојдеше до голем инцидент.

 

Конте куртоазно му пружи рака на Тухел, кој не беше задоволен од говорот на телото на противникот и фактот што не го гледаше во очи, па му ја задржа раката и силно го повлече, што делуваше како да сакаше да му ја откине. Тоа, нормално, донесе бес кај Италијанецот, кој влезе во клинч со предводникот на Челси, но за среќа не дојде до општа тепачка поради фактот што воинствените тренери брзо беа разделени.