Тренерот на италијанскиот прволигаш Болоња, Синиша Михајловиќ (53) потврди дека повторно му е дијагностицирана леукемија со која се бори од 2019 година.
„Последниве години редовно одам на прегледи после болеста, но најновите сознанија за жал покажуваат дека постои ризик од повторување на болеста“, изјави Синиша Михајловиќ (53) на вонредна прес-конференција.
„На почетокот на следната недела повторно треба да одам во болница. За разлика од пред две и пол години, сега знам што треба да направам, се надевам дека ќе е кратко време, но дефинитивно ќе морам да прескокнам некои натпревари“, изјави српскиот тренер роден во Вуковар.
Да потсетиме, на Михајловиќ во 2019 година му беше дијагностицирана акутна леукемија. Во меѓувреме, по три серии на хемотерапија, му беше извршена трансплантација на коскена срцевина и се чинеше дека неговото здравје се подобрува.
„Оваа болест е многу храбра кога се враќа да се соочи со противник како мене. Ова е патот на мојот живот. Понекогаш наидувате на ненадејни дупки, може да паднете, но треба да најдете сила да станете“, заклучи Михајловиќ.