Селекторот Милевски уште еднаш повтори дека Македонија не е случајно тука во баражот, признавајќи дека не е на ниво на Италија, која е фудбалски шампион на Европа, но дека фудбалерите ќе сторат сѐ за да дојдат до победа.
„Спремни сме и сите се подготвени. Не сме тука случајно и очекуваме да одиграме голем меч. Спремни сме и за продолженија. Утре нѐ чека пеколна атмосфера, а ние ќе се обидеме да се вратиме со добар резултат. Македонија неслучајно е тука, покажа квалитет во квалификациите и треба да уживаме и да го дадеме максимумот утревечер. Реален сум и секогаш тргнувам од сопствените редови. Македонија има цел во иднина да стане секогаш конкурентна во квалификации за Европско и Светско првенство. Рано е да се зборува дека сме дел од европскиот крем. Далеку сме од тоа, но имаме талент и потенцијал да бидеме поблиску до европскиот врв“, вели Милевски.
Милевски за своите избраници има една порака, само да уживаат, а веќе сите коцки од мозаикот се склопени и сите опции разработени. Останува само на терен да се спроведе сѐ.
„Атмосферата е одлична и можам само да посакам вакви момци. Дилеми околу тимот немам, составот ми е познат и верувам дека и по тренингот вечерва сите ќе бидат здрави и спремни. Верувам дека сме подготвени за секое сценарио утревечер. Го почитувам Манчини и неговата работа, тој е најзаслужен што Италија е европски првак, но секој си има свој план, така и Манчини, како и јас. Се надевам дека сме подготвени и физички да играме повеќе од деведесет минути. Последната моја порака утре ќе биде сите фудбалери да уживаат во натпреварот“, додаде Милевски.