Петти меч по ред Академија Пандев го победи Работнички, кој повеќе од година ипол не знае за триумф против струмичани, а две и пол години нема победа на својот стадион во Скопје, па денеска го доживеа и најубедливиот пораз. Работнички по 180 минути во новата сезона повеќе најавува грчевита борба за опстанок, одошто битка за европските позиции, зашто пандевци денеска ги масакрираа „романтичарите“ и им одржаа фудбалска лекција.

Ване Крстевски даде хет-трик, а серијата ја отвори Горан Томовски по десет минути игра, а десет потоа Иво Јанакиевски си даде смешен автогол.

 

Струга Трим Лум дојде до втора победа на тешкиот терен во Штип со триумф три минути пред крајот откако Хоган Укпа, летното засилување даде фантастичен гол за нови три бода со кои стружани и тоа како ја истакнуваат кандидатурата за место во Еворпа.

Во меч на кој Брегалница во првиот дел промашуваше, а Ведран Ќосевски ги спасуваше стружани, а потоа во вториот дел домашниот голман Шчеќиќ еднаш го спаси голот по удар на Касами, но не можеше минута потоа по корнерот, кога Укпа на одбиена топка ја погоди мрежата.

Тетовска Шкендија остана без три бода во 91-та минута откако Арсим Љамалари со гол му донесе голем бод на Силекс и второ место по две кола. Шкендија дојде во водство преку Дашмир Елези после 17 минути и кога сите чекаа крај и стартен триумф во Струга, каде црвено-црните беа домаќини поради казната за инцидентите со Шкупи, следеше шок за реми.

Прва победа запиша и Тиквеш во својот прв меч сезонава во пресметката со Победа, откако Александар Мишов во последната минута од првиот дел даде гол за водство, погодок кој на крајот се покажа како клучен и за три бода. За Победа ова беше прв меч на својот стадион „Гоце Делчев“ по цели 12 години во прволигашката конкуренција, но четата на Бобан Бабунски не успеа да се избори барем за бод од овој меч во пресметка на клубовите кои сезонава треба да се борат за опстанок.