Македонскиот вицепрвак Пелистер стигна до втората победа на струшкиот ракометен турнир после тесната и драматична победа со 25-24 против Татран Прешов во второто коло во групата А, со што зачекори кон финалето во битка за трофејот на јубилејното 50-то издание на овој ракометен турнир.
На Пелистер му треба победа во последното коло против АЕК Атина за да го завери пласманот во финалето, а Вардар против Целје во директен дуел вечерва ќе се борат за првото место во групата Б и за пласман во финалето.
Пелистер и Татран одиграа рамноправен натпревар во кој нијанси решаваа, а максимум два гола разлика беше во текот на мечот, на стартот за Словаците (5-3), пред крајот за битолчани (22-20), а пет минути пред крајот Татран успеа да израмни на 23-23 и мечот влезе во неизвесна завршница, во која Танковски донесе предност, Давидовиќ израмни, па Сари вторпат ги донесе битолчани на минимална предност.
И во завршниот напад, екипата од Прешов не реализираше и Пелистер дојде до победата.
Во првиот меч денеска домаќинот Струга беше декласиран од АЕК Атина со 30-15.