Македонија убедливо (0-4) го совлада Лихтенштајн во Вадуз и се врати во игра за пласман на втората позиција која води во баражот за пласман на светското првенство . Нашиот национален тим се врати на победнички патеки, а сега следи спектаклот против Германија во Скопје в понеделник. Новиот селектор на „панцирите“, Ханси Флик, ќе брка рекорд против Македонија. Со победа во Скопје тој би го израмнил најдобриот старт на еден германски селектор во квалификации за СП, а го држи токму неговиот претходник Јоаким Лев.
Ханси Флик беше задоволен од триумфот на Германците против Романија. Успеаја да направат пресврт со головите на Серж Гнабри и на Томас Милер во Хамбург, а на прес – конференцијата посвети време и за следниот ривал, Македонија.
„Многупати го анализиравме првиот меч во Дуисбург и нивната победа од 1-2. Македонија знае одлично да се брани, со блок во две зони, но истовремено и секогаш го гледа голот на противникот. Секако, ако ние не направиме грешки, тешко дека ќе можат да го реализираат таквиот план“, изјави Ханси Флик.