Италијанскиот првак Интер славеше во дербито против Наполи со 3-2 и му го нанесе првиот пораз на ривалот оваа сезона во Серија А. Нема веќе непоразени екипи во италијанскиот шампионат, а „нероаѕурите“ се враќаат во трката за шампионската титула. По оој триумф се наоѓаат на третото место со 28 бода, четири помалку од Наполи и од Милан.
Зиелински донесе предност за Наполи во 17.минута, но осум минути подоцна Интер израмни преку Чалханоглу кој реализираше пенал. Кулибали играше со рака во сопствениот шеснаесетник.
Перишиќ пред крајот на првиот дел со удар со глава се погрижи за пресврт, а Лаутаро Мартинез зголеми на 3-1 во 61.минута. Наполи не се предаде лесно, Дрис Мертенс намали во 78.минута, а во финишот имаше уште еднаш одлична можност, исто како и Елиф Елмас.
Македонскиот репрезентативец доби шанса во последните 15 минути од дербито.