Хрватскиот тенисер Борна Чориќ влезе во историјата како најлошо рангиран на АТП-листата кој триумфирал на мастерс-турнир, откако славеше во Синсинати со триумфот во големото финале против Стефанос Циципас (7-6, 6-2).
Тој до пехарот дојде како 152. тенисер во светот, а американските медиуми неговиот успех веднаш почнаа да го споредуваат со победата на Горан Иванишевиќ на „Вимблдон“ во 2001 година, кога настапи со специјална покана. За Хрватот овој триумф ќе значи и неверојатен скок на АТП-листата, каде што ќе дојде дури до 29. позиција, што наместо настап во квалификациите ќе му донесе статус на носител на претстојниот „Ју-Ес опен“.
Чориќ, кој стана четврти хрватски тенисер со мастерс-титула по Иванишевиќ, Иван Љубичиќ и Марин Чилиќ, изјави дека мислел дека ќе испадне уште во првото коло од Рафаел Надал, но се покажа дека токму таа победа се покажала како клучна за неговата самодоверба. За триумфот во Синсинати заработи 970.000 долари.