Лошиот преоден рок, дополнет со очајниот старт на сезоната со два порази по ред, се главните причина за сѐ поголемото незадоволство кај навивачите на овој клуб, кое би можело да кулминира вечерва, на дербито против Ливерпул (21 часот), за кое дури има најави дека може да биде – прекинато.
Најавен е голем протест пред „Олд Трафорд“, за кој полицијата стравува дека би можел да стане насилен и да донесе инциденти. Вакво нешто се случи и лани во мај исто така пред средбата против Ливерпул, кој тогаш беше откажан поради нередите. Тренерот на „црвените“, Јирген Клоп, веќе размислува што би се случило ако вечерашната средба навистина не се одигра.
„Како може да планираме нешто кога не знаеме дали ќе играме? Дали да седиме во автобус или да се вратиме дома? Ние немаме ништо со проблемов и навистина не знам како би се нашол нов термин во вака згуснат распоред“, изјави Клоп.
Нешто порезервиран во изјавата беше стратегот на „ѓаволите“, Ерик Тен Хаг.
„Можам да потврдам дека сопствениците сакаат само победи, а што се однесува до навивачите, ние ја сакаме нивната поддршка. Не сум долго во клубот за да ја знам целата приказна, но знам дека сега треба да сме обединети и сите заедно да се бориме“, изјави холандскиот стратег.
Ова треба да биде последен меч од третата рунда во Премиер лигата.