Македонскиот креативец ја имаше честа да ја носи капитенската лента на денешниот пријателски натпревар на неговиот тим, против третолигашот Јуве Стабија. Тренерот Лучано Спалети му ја додели оваа одговорност во еден комбиниран состав.
„Беше убаво попладне и навистина беше уникатна емоција за мене да ја носам капитенската лента. Беше прекрасно од навивачите што се собраа и застанаа зад тимот на оваа пријателска средба и затоа им благодариме за топлата поддршка која ни ја дадоа“, изјави Елмас.
Наполи славеше со 3-0, а тој не постигна ниеден од погодоците, сепак со оптимизам проговори за тимот на Наполи, кој игра одлично во првите две кола од новата сезона во Серија А, зачинет со неколку нови фудбалери, пред се Грузиецот Кварацкелија.
„Среќен сум со новодојдените, тоа се фудбалери со голем квалитет, кои ќе ни помогнат многу. Верувам дека оваа група играчи може да достигне големи цели и допрва ќе се развива во иднината. Сега ќе играме со Фиорентина и веќе од утре ќе работиме напорно да се вратиме со позитивен резултат од Артемио Франки, против многу силен тим“, додаде македонскиот репрезентативец.