Црногорските кошаркари направија голем чекор кон пласман на СП, додека Литванија ја оправда улогата на фаворит во Унгарија, на стартот од натпреварувањето во новоформираната квалификациска група К.
Во Подгорица, Црна Гора ја декласираше Босна и Херцеговина со резултат 88:69, додека силната Литванија победи во Унгарија со 88:78.
Црногорците ја совладаа Босна во „Морача“ во регионалното дерби. Тие почнаа силно од самиот почеток и тука никогаш не се постави прашањето за победникот.
Кај победниците не играше повредениот Никола Ивановиќ, а најефикасен беше Владимир Михаиловиќ со 20 поени. Петар Поповиќ и Кендрик Пери додадоа по 15 поени. Бојан Дубљевиќ имаше 12 поени и осум скока.
Џон Роберсон постигна 20 поени за гостите, а Џанан Муса имаше 19 поени и шест скока.
Литванците ја победија Унгарија на крилата на своите НБА асови и сега имаат скор од 6-1 на врвот во групата. Унгарците имаат 3-4.
Домантас Сабонис и Јонас Валанчиунас постигнаа по 17 поени. Придонесе Валанчиунас и со осум скока. Кузминскас додаде 14, а Јокубаитис 12 поени.
Натурализираниот Адам Ханга го предводеше унгарскиот тим со 21 поен.
Пласман на Светското првенство ќе обезбедат трите најдобри селекции во групата.