Грчкиот тенисер Стефанос Циципас шокантно е елиминиран во првото коло на УС Опен.
Циципас беше поразен од Колумбиецот Даниел Галан Риверос со 3-1 во сетови.
Галан по два часа и 48 минути игра ја прослави најголемата победа во кариерата, а резултатот беше 6:0, 6:1, 3:6, 7:5.
Колумбискиот тенисер на тој начин влезе во друштво на Ѓоковиќ и Надал, кои се единствените играчи кои некогаш освоиле сет без загубен гем против Циципас.
Ова е резултат на кариерата на 26-годишниот Колумбиец во Њујорк, моментално 94-ти на АТП ранг-листата, откако овогодинешното учество на УС Опен му е прво во кариерата.
Единствената „позитивна“ страна за Гркот е тоа што нема да загуби многу бодови, со оглед на тоа што лани стигна само до третото коло, кога беше исфрлен од Карлос Алкараз.
Она што се виде во првиот сет е тешко да се прераскажува.
Веднаш се виде дека Гркот има физички проблеми, но тоа не беше доволно оправдување да не освои ниту еден гем.
Сепак, многу грешки скапо го чинеа четвртиот носител во Њујорк, а тој продолжи да го прави истото и во вториот сет.
Малку познатиот Колумбиец освои 11 гемови во низа и во еден момент на семафорот стоеше 0:6, 0:5.
Циципас потоа успеа да освои гем, но недоволно за да направи нешто позначајно, а за време на медицинскиот тајм-аут, лекарот му рекол да го предаде натпреварот поради повреда на десното рамо.
Рацете на докторот со кои го масираше Гркот се покажаа како магични, бидејќи Циципас одигра подобро од третиот сет.
Беше уште со милји далеку од неговото ниво, но тој успеа да направи брејк, а потоа со една спасена брејк топка и да го освои сетот .
Циципас во ист стил го започна четвртиот сет.
Водеше со 4:2, се чинеше дека ќе одиме во петти сет, а потоа …
Колумбиецот направи брејк за 4:4, па пропушти дури пет меч топки при 4:5.
Циципас сервираше и удираше крајно силно со форхенд и се надеваше дека ќе го одведе мечот во решавачки сет .
Галан спаси две брејк топки на 5:5, а потоа доби нови меч топки во следниот гем.
Циципас ја спаси шестата, седмата, осмата… Но не ја спаси деветтата.
Галан го нокаутира Циципас и закажа дуел во второто коло на УС Опен со Австралиецот Џордан Томпсон, кој по „маратон“ од пет сета беше подобар од Лоренцо Сонего.