Пред утрешниот натревар со Германија со свое видување селекторот Благоја Милевски.
“Поопуштено нема да биде. Секој натпревар е приказна за себе и има своја тежина. Со Лихтенштајн момците влегоа на дуелот без потценување, а тоа се виде на теренот. Нема опуштање, ниту притисок и сметам дека сите дуели се важни. Тоа што го покажавме во последниот меч, треба да е насока за како да се игра во иднина.
Имаме јасна цел и визија, сме во фаза на создавање на нов лик на репрезентацијата. Главната и крајна цел е да создадеме тим кој ќе биде конкурентен и во следните квалификации за ЕП. Задоволство е да се работи со играчи кои ги пренесуваат вашите идеи на теренот. Сето тоа што е новост во тимот им прилега и им годи, а тоа го гледам во задоволството на играчите. Поддршката на навивачите секогаш е потребна, а се надевам ќе биде така и во иднина. Имаме склоп на младост и искуство, потребна им е поддршка за полесно да ги остваруваме зацртаните цели.” – изјави селекторот.
“Отсуството на Пандев, а особено сега на Барди се чувствува. Може да се каже дека одлуката на Горан повеќе не настапува за репрезентацијата е огромна за мак-фудбалот. Во моментов сме без Барди, ама што е тука е. Проблемите ги имавме и во септември, сметам дека сите останати кои ќе добијат шанса ќе одговорат на предизвикот. Не очекува поинаков дуел од тој во Дуизбург. Ќе треба да бидеме максимално концентрирани ако сакаме да дојдеме до позитивен резултат. Против ривал каков што е Германија, не знам што е идеален меч. Мора да сме на врвно ниво, мора да се запазат тактичките движења. Го респектираме противникот кој има многу ѕвезди, ама тука ќе се прашува и Македонија на утрешниот натпревар. Ние не би биле спортисти, ако не се надеваме на успех без разлика на противникот. Не гледам причина да биде различно и утре. Веруваме во своите квалитети и покрај респектот кон Германија. Начинот на кој играат сега е поинаков под новиот селектор. Играчите се истите, но со различни задолженија на самиот терен. Секоја селекција има слаби страни, па и Германија. На нас е да ги воочиме, па треба да ги искористиме“, смета Милевски.