Ник Киргиос е во четвртфиналето на последниот Грен слем во сезоната.

Австралиецот во дербито на осминафиналето по 176 минути игра го елиминира најдобриот светски играч,  бранителот на трофејот во Њујорк, Данил Медведев со 7:6 (11), 3:6, 6:3, 6:2.

Киргиос и овој дуел го одигра фантастично и исто како и  неодамна на Мастерсот во Монтреал, повторно му зададе голем удар на рускиот тенисер.

Медведев не можеше да го задржи ритамот на мечот кој го посакуваше, Ник одлично сервираше, одигра агресивно и на крајот сосема заслужено по четврти пат славеше во петтата пресметка со московјанецот.

Во воведниот сет Киргиос со брејк стигна до 4:2, но Медведев се врати на 4:4.

Во еден феноменален тај-брејк, Данил не искористи три сет-поени, за Киргиос да ја искористи четвртата за 13:11.

Се чинеше дека тоа нема да му пречи на рускиот тенисер, особено кога поведе со 3:0 со брејк во вториот сет.

Стигна до нов брејк за 5:1, за да возврати Австралиецот и да намали на 5:3.

Шампионот на Њујорк ја искористи втората сет топка за 6:3 и израмнување во сетови.

Се очекуваше тоа да го крене, но тој повторно падна во минус фаза од која, се испостави, нема излез.

Киргиос лесно поведе со 4:1, па со 5:2, за рутински да го добие сетот со 6:3.

Најубедливото го остави за крај – се прошета низ сетот со два брејка, во третиот и петтиот гем за 5:1.

Медведев само за кратко го одложи поразот, бидејќи Ник успеа после гемот за 5:2 да го освои наредниот и за првпат да го потврди пласманот во четвртфиналето во Њујорк.

Таму тенисерот од Канбера ќе игра против Русинот Карен Хачанов, кој во пет сета го совлада Пабло Карења Буста.