Лорис Кариус е многу блиску до преминување во Њукасл. Со оглед на тоа дека е слободен играч, 29-годишниот голман може да потпише договор и надвор од преодниот рок. Новинарот на германскиот „Скај“ Флоријан Плетенберг објави дека Кариус наскоро ќе биде на лекарски преглед и ќе потпише краткорочен договор со англискиот премиерлигаш.
Од минатата година Њукасл е во сопственост на саудиски инвестициски фонд кој располага со 320 милијарди фунти, што значи дека е најбогатиот клуб во светот. Според Плетенберг, Кариус ќе биде замена за првиот голман Ник Поуп бидејќи се повреди досегашниот втор голман Карл Дарлоу.
Да потсетиме, Кариус е запаметен по финалето на Лигата на шампионите во 2018 година. Германецот потоа направи две големи грешки и му подари голови на Реал Мадрид, кој на крајот го освои трофејот. Ливерпул потоа го доведе Алисон и го испрати Кариус на позајмица во Бешикташ и Унион Берлин. Од јуни е слободен играч.