Со голот на Мислав Оршиќ во судиското надополнување, на додавање на Аријан Адеми, Динамо извојува победа на теренот на Горица со 0-1 (0-0). Поранешниот македонски селектор, Игор Ангеловски одлично ја постави играта и им создаде многу проблеми на „модрите“.
По натпреварот Адеми имаше само пофални зборови за Ангеловски и неговата работа.
„Видовте и денес Ангеловски како ја постави екипата и колку беше тешко да пробиеме. Тој е одличен тренер, направивме одлични резултати и се надевам дека по овој натпревар ќе започне со победи“, рече Адеми.
Врската меѓу поранешниот селектор и капитенот на Динамо е цврста уште од поодамна. Од повикувањето во националниот тим, до довербата во најтешките моменти кога имаше позитивен тест, Ангеловски се потпираше на искусниот играч за врска.
Добрата форма на Адеми треба да го радува и актуелниот селектор на националниот тим, Благоја Милевски, кој в среда ќе го соопшти списокот за натпреварите против Грузија и Бугарија во Лигата на нации.