Барселона после 16 години го освои Кадиз и победи денеска со 4-0 на гостувањето во десетминутниот блиц на Каталонците, откако безмалку еден час повратникот во шпанската елита им одолеваше.
Комбинираниот тим со кој Чави го почна мечот не покажа премногу без оглед на доминацијата во поседот, но десет минути во вториот дел Френки Де Јонг го скрши домаќинот со гол за водство, а „резервистот“ Роберт Левандовски осум минути по влегувањето во игра ја дуплираше предноста и ја обезбеди победата и со тоа влезе во историјата на Ла Лига, барем во 21-от век.
Полјакот дојде до шест гола во пет меча во шпанската елита и со тоа стана најбрз стрелец на шест гола во деби сезоната, надминувајќи го Андре Силва кој имаше шест гола од шест меча во 2018 година.
После драмата на трибините и безмалку едночасовниот прекин откако навивач колабираше и лекарите се бореа за неговиот живот, Левандовски му асистираше на Ансу Фати за трет гол, а Осман Дембеле во втората минута од судиското надополнување погоди за четврти погодок и убедлив триумф.