Во шпанските медиуми излезе табела со најпосетени стадиони од почетокот на сезоната 2022/23 и на врвот на листата е „Камп Ноу“ со 82.538 гледачи по натпревар. На второто место е стадионот на Борусија Дортмунд со 80.677 гледачи во просек, а трет е Баерн Минхен со својата „Алијанц арена“ со нешто над 75.000. Листата со топ-10 ја дополнуваат стадионите на Манчестер јунајтед, Милан, Интер, Олимпик Марсеј, Шалке, Вест Хем и на Тотенхем.
Се разбира, ова не е единствена, уште помалку реална мерка за посетеност, имајќи предвид дека сите стадиони имаат различен капацитет и дека еден „Камп Ноу“ најчесто ќе биде пред останатите ако се смета само бројот на гледачи. Капацитетот на стадионот на Барселона е 99.354 гледачи, така што овој просек од 82.538 е нешто над 83 проценти исполнетост.
Меѓутоа и тоа е огромен скок напред за Барселона, ако се знае дека минатата сезона имаше едвај 39.000 просек на гледачи на сите натпревари, а од друга страна, во новава беше домаќин само на Рајо Ваљекано, Ваљадолид и на Викторија Плзењ во ЛШ. Допрва треба да доаѓаат Реал, Атлетико во Ла Лига, Баерн и Интер во ЛШ, а со подновениот тим и извонредната форма на каталонскиот тим, овој просек на гледачи сигурно ќе расте.
Од друга страна, за секоја пофалба се германските клубови и не само трите кои се најдоа на оваа листа. Нивните стадиони се помали и бројот на гледачи е, најчесто, блиску до максимумот. Во случајот на Шалке, дури, сите домашни натпревари кои ги играл сезонава се стопроцентно распродадени, а не се далеку ни Борусија и Баерн. Кој знае, тие да имаа на располагање стадион како „Камп Ноу“, дали секој викенд ќе имаше близу „стотка“ гледачи.