Реал Мадрид очекувано лесно се пласира во осминафиналето од Купот на Шпанија, откако славеше на гостувањето кај четвртолигашот Арандина (3-1).

„Кралевите“ одиграа колку што беше потребно, што најдобро можеше да се види во првото полувреме, кога комбинираниот тим, без најголемите ѕвезди не успеа да го скрши бедемот пред голот на домаќинот. Дилемите околу победникот беа решени во две минути и тоа со погодоците на Хоселу од пенал во 54. минута и на Дијаз една минута подоцна. Точка на триумфот стави Родриго во првата минута од судиското продолжение, откако влезе како резервист по еден час од натпреварот.

 

Навивачите на Арандина без разлика на поразот долго ќе го паметат овој дуел, со оглед што успеаја да му дадат гол на големиот Реал Мадрид и тоа со автоголот на Начо, кој по ударот на Кабрал во 94. минута ја одби топката во мрежата на Кепа.

Натпреварот против нисколигашот ќе го паметат и фановите на шпанскиот гигант, на оваа средба дебитираше големата турска надеж, Арда Гулер, кој во првото полувреме ја погоди пречката од слободен удар.

https://twitter.com/i/status/1743760271926342055