Бугарскиот тенисер, Григор Димитров, се пласира во финалето на тенискиот турнир во Бризбејн, откако денес го совлада Австралиецот Џордан Томпсон (6-3, 7-5), кој во претходната рунда ја направи најголемата сензација елиминирајќи го Рафаел Надал.
Димитров во првиот сет ја искористи втората брејк топка во шестиот гем и поведе со 4-2, па до крајот на сетот сервираше сигурно и без проблем поведе со 1-0. Тој во вториот сет пропушти дури шест брејк топки, а сервисот на дефанзивно ориентираниот противник го одзеде дури во 11. гем, што воедно му донесе и пласман во финалето.
Бугаринот во битката за трофејот на турнирот од серијата 250 ќе ги вкрсти копјатата со Холгер Руне, кој денеска во два сета беше подобар од Русинот Роман Сафиулин.