Лигата на шампиони денеска ќе влезе во второто коло од фазата по групи. Централно место има дербито во Минхен, меѓу Баерн и Барселона.

Баерн ѝ нанесе многу терор на Барса во последниве години, почнувајќи од срамниот пораз со 2-8, до двата меча од минатата сезона кои завршија со по 3-0 за Баварците, па сега се очекува одмазда од Каталонците, особено што летово им го зедоа Роберт Левандовски и тоа се покажа фантастичен потег.

Полскиот напаѓач за првпат ќе биде противник на Баерн, откако помина осум сезони во неговиот дрес, а пред вечерашниот меч тој е главна тема на разговор. За него зборуваа и играчите и раководните лица на клубот, па се прогнозираше како би бил пречекан од публиката… Она што е важно е дека и двете екипи очекуваат отворен меч и гризење за бодовите, имајќи предвид дека ќе биде тешка трката до првото место во нивната група Ц.

Баерн веќе почна со важна победа над Интер, во Милано, со 2-0, а Барса ја демолира со 5-1, Викторија Плзењ. Шпанскиот тим се наоѓа во подобра форма, ако се суди по натпреварите во Ла Лига, бидејќи реди само победи, по стартното реми без голови со Рајо Ваљекано, додека Баерн има топло-ладно форма, како на пример ремито со 2-2 против Штутгарт, во викендов што помина. Тој меч е од 21 часот, а во вториот од истата конкуренција, Интер нема друг избор освен победа на гости кај Викторија Плзењ, во терминот од 18.45.

Ќе биде интересен и мечот на „Енфилд роуд“, каде што Ливерпул го пречекува Ајакс, откако минатото коло доживеа дебакл, загуби со 1-4 во Неапол. Рехабилитација е неопходна, бидејќи Јирген Клоп и онака ги потроши киксовите, остварувајќи само две победи во шест кола од Премиерлигата. Ајакс доаѓа од убедливи 4-0 против Ренџерс во првото коло, демонстрирајќи дека заминувањето на Тен Хаг, на Але, Антони не влијае толку силно на клубот. Вториот дуел од оваа група, меѓу Ренџерес и Наполи беше поместен за утревечер.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2.КОЛО

ГРУПА А

Ливерпул – Ајакс 21ч.

Ренџерс – Наполи утре

ГРУПА Б

Атлетико Мадрид – Порто 21 ч.

Клуб Бриж – Баер Леверкузен 21 ч.

ГРУПА Ц

Викторија Плзењ – Интер 18.45 ч.

Баерн М. – Барселона 21 ч.

ГРУПА Д

Спортинг – Тотенхем 18.45 ч.

О. Марсеј – Ајнтрахт Ф. 21 ч.