Откако Шпанија победи во полуфиналето на ЕП против Финска го дознаа и својот противник. Тие ќе играат против домаќинот Германија, кој во одличен натпревар ја совлада Грција со 107:96.
Можеби е изненадување на хартија, но според се што се гледа од стартот на турнирот, Германија целосно заслужи да се најде во полуфиналето. Најмногу личи на тим, игра одлична кошарка и заслужи да се бори за медал.
Првото полувреме од натпреварот против Грција беше фантастично. Двете страни одиграа одлично, Германија во најголем дел беше во благо водство, но Грците постојано дуваа во врат и беа блиску.
На крајот од првото полувреме направија серија од 7:0 и на пауза поведоа 61:57.
Клучен беше влезот на Германците во вториот дел. Полувремето го отворија со серија од 20:1, целосно ги надиграа Грците и поведоа убедливо.
Грците се обидоа да се вратат, успеаја во еден момент да паднат и на едноцифрена негатива, но потоа следеше нова серија од 16:4 на Германија за бегство на 21 поен и крај на приказната.
Германија ја предводеше Денис Шредер со 26 поени и осум асистенции, Франц Вагнер и Андреас Обст постигнаа по 19 поени, а Даниел Теис додаде 13 поени и 16 скока.
За Грција, Јанис Антетокунмпо запиша 31 поен, осум асистенции и седум скока (исклучен на пет минути пред крајот по втората неспортска лична грепка), а Јанулис Ларенцакис додаде 18 поени.
Европско првенство, четвртфинале:
Германија – Грција 107:96