Во дерби натпреварот од 2. коло на Лигата на шампионите, фудбалерите на Баерн Минхен го совладаа тимот на Барселона со 2:0 (0:0) во групата Ц.
Каталонците дојдоа во главниот град на Баварија по убедливата победа во првото коло против Плзен(5:1), додека Баерн во новата сезона од Лигата на шампионите влезе со победа од 2:0 над Интер.
Во центарот на вниманието беше Роберт Левандовски, кој се врати на Алијанц Арената, но овој пат во дресот на Барса. Вечерашната игра уште од самиот почеток ја одбележа пеколниот ритам, а шансите на двете страни се редеа како на лента. Баерн во вториот дел го скрши отпорот на противникот.
Во 9. минута Барса ја имаше првата голема шанса на игра кога Педри кој беше во противничкиот шеснаесетник упати удар, но Нојер беше на место.
Пет минути подоцна Нојер погреши кога погрешно му ја додаде топката на Левандовски, но Упамекано со навремен старт ја поправи грешката на својот голман. Многу брзо полскиот напаѓач се најде во уште подобра можност кога го искористи центаршутот и упати удар со глава, но Нојер повторно беше непремостлива пречка.
Во 21. минута десниот бек на Баерн Бенџамин Павар поради повреда мораше предвреме да го напушти теренот, а на негово место во игра влезе Нусаир Мазрауи.
Во 26. минута Каталонците се заканија и преку Рафиња, но топката мина само покрај стативата. Неколку минути подоцна Баварците возвратија упатувајќи го првиот удар во рамките на голот, но Тер Штеген имаше лесна работа. Нападите на Баерн се засилија. Се играше 30. минута кога Сане ја повлече топката по десната страна, влезе во зоната за шут и додаде до Сабицер, но тој шутираше покрај стативата.
По период на нешто посмирена игра, играчите на домашната екипа повторно се заканија, но Милер влезе во ударот на Мане и на тој начин не реализира голема шанса за гол. На крајот од првото полувреме немаше голови.
Баварците во продолжението од мечот го зголемија темпото и за само три минути го скршија отпорот на Барса постигнувајќи два гола. Првиот гол беше постигнат по корнер во 50. минута. Кимих упати прецизен удар од корнер, топката стигна до осамениот Лукас Ернандез, кој со глава ја упати топката во мрежата за 1:0! Само три минути подоцна нова шанса за германскиот тим и уште еден гол. Овој пат, Лерој Сане го проби срцето на одбраната на Барса и ја смести топката покрај немоќниот Тер Стеген за големи 2:0!
Во 62. минута Барса можеше да ја намали предноста, Педри ја избегна офсајд замката, но наместо да го проигра осамениот соиграч беше себичен и ја погоди надворешната страна на стативата. Како што натпреварот се приближуваше кон крајот, играчите на Барса вршеа се поголем притисок, но без конкретни можности за гол. Имаше уште неколку шанси за гол, а резултатот на крајот остана 2:0 за Баерн.
https://www.youtube.com/watch?v=FH4l4rgoKfA