Норвешка остана на 10 бода и на првото место без оглед на поразот, но и на курсот кон пласман во елитната А-дивизија, ама сега Србија добива шанса во завршницата да ги претекне, особено што имаат меѓусебен дуел во последното коло. Србија вечерва игра против Шведска, на која пак ѝ гори под нозе зашто сега е последна и бодовите ѝ се неопходни за да не испадне во Ц-дивизијата.
Најголемиот словенечки талент Бенјамин Шешко, фудбалерот на Ред Бул Салцбург беше херој и тоа во пресвртот, откако Ерлинг Браут Халанд по само две минути во вториот дел донесе водство за Норвешка, но Шешко прво со асистенција за Андраж Шорар во 69-та, а потоа со гол во 81-та минута го сврте мечот во корист на Словенија и обезбеди три бода.
Северна Ирска го победи Косово со 2-1, слично на Словенија, со пресврт за да му избега на Кипар на три бода во битката за опстанокот во Ц-дивизијата. Кипар вечерва игра против Грција.
Магенис во 93-та минута ја донесе победата, откако Вајт осум минути пред крајот на регуларниот дел израмни во чудесниот пресврт после водството на Косово со гол на Ведад Муричи од 58-та минута од мечот.