Најмалку шест лица загинаа во стампедо пред стадионот пред натпреварот од осминафиналето на Африканскиот куп на нации меѓу Камерун и Комори, пренесува АП. Насери Пол Бија, гувернер на регионот Камерун каде се играше натпреварот, изјави дека е можно бројот на жртвите да се зголеми. На социјалните мрежи се појави видео од стампедото на фановите.
Стампедото се случи кога навивачите се обидоа да влезат на стадионот Олембе во главниот град на Камерун Јаунде за да ја следат својата репрезентација против Коморите од трибините. Болниците лоцирани во близина на стадионот примија најмалку 40 повредени лица.
„Некои од повредените се во многу тешка состојба. Ќе мораме да ги евакуираме во специјализирани болници“, рече во соопштение за медиумите медицинската сестра Олинга Пруденс од една од болниците што ги згрижи повредените.
За овој натпревар на стадионот се обидоа да влезат околу 50.000 луѓе. Капацитетот на стадионот е 60 илјади седишта, така што во нормални услови не би требало да има гужва, но овојпат е случај само 80 отсто од седиштата да бидат пуштени во продажба поради мерките за корона. Камерун на крајот славеше со 2:1 и се пласираше во четвртфиналето.