Македонската фудбалска репрезентација можеби играше добар фудбал 35 минути во Грузија, но по автоголот на Бојан Миовски комплетно се распадна. Поразот од 2-0 не беше вистинската слика за силата на тимот, смета Енис Барди.
Како еден од поискусните во тимот, фудбалерот од средниот ред смета дека на овој нов тим на Македонија со неколку млади играчи ќе му биде потребно време да созрее. Сепак целта и натаму е пласман на Европското првенство во 2024 година.
„После тој пораз со таква игра, беше тешко. Фудбалот се игра за резултат, не е добро кога ќе загубиш, ама одиме напред. Имаме уште една шанса, да покажеме дека тој резултат во Грузија не беше вистинска слика и со три бода можеме до позитивен момент. Сметам дека сите сме нови тука, потребно е време да се запознаеме со дел од тимот. Како што гледам, сите даваат голови за клубовите, а тука или не ни оди или не нè сака топката. Мора да сме трпеливи, ќе дојде нашиот момент. Ја знаеме сопствената цел, тоа е Европското првенство. Мора да чекаме, потребно им е време да се адаптираат младите. Ние постарите имаме искуство, а останатите се под мала тензија. Потребна е поддршка, сметам дека сме добра генерација и ќе направиме големи работи.